Утре одлуки за притворите на пратениците

Одлуките за притворите на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски и уште десетина осомничени за „крвавиот четврток“, најверојатно ќе бидат објавени утре. Ова го најавува за Телевизија 24, првиот човек на највисокиот суд во земјава, Јово Вангеловски. Претседателот на Врховен вели со постапката не се доцни, иако роковите се пробиени. Додава дека се работи за комплициран предмет.

„Судот не доцни со решение, туку се работи за сложен предмет за кој не може да очекувате да има брза одлука. Предметот е во судот помалку време отколку што беше во Обвинителството. Одлука најверојатно ќе има утре” – изјави за Телевизија 24, претседателот на Врховниот суд.

Адвокатите на осомничените кои испратија повеќе од 15 жалби велат дека судот неосновано го „гази“ законскиот рок и ја одовлекува целата процедура. Апелираат до врховните судии да се донесе одлука што побрзо, бидејќи како што велат, тоа е клучно за процесот да се придвижи кон побрз епилог. Одлуката на Врховен ја чекаат и оние што се во Шутка, но и осомничените во куќен притвор.

 

Врховните судии треба да одлучат дали затворот во Шутка ќе го напуштат пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и екс-министерот Митко Чавков. Осомничените се жалат на условите во притвор и бараат поблаги мерки. Во меѓувреме, обвинителството го пишува обвинението за 35 лица осомничени за случајот со крвавиот упад во Собранието. Се очекува обвинителниот акт да биде поднесен наредните десетина дена. Како што потврдија од обвинителството за тв 24 истрагата е затворена, а сите се осомничени за едно исто кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Неизвесно е дали истото дело ќе биде напишано за сите и во обвинителниот акт, кој ќе ги однесе во судница.