Утре почнува грејната сезона во Скопје

Поради падот на надворешните температури, од утре започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ, се вели во соопштението.

„За ден 7.10.2021 година, се создадени надворешни услови за производство и испорака на топлинска енергија. Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, а врз основа на прогнозата за средна дневна температура од 11,8 степени Целзиусови за Скопје. Во моментов во 103 колективни станбени објекти, кои се приклучени на системот за централно греење, сè уште не се отстранети пречките кои се во надлежност на потрошувачите и заедниците на станари за да може грејната сезона да започне навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Во околу 40 објекти не е обезбедено напојување на топлинската станица со електрична енергија, а во 63 не се отстранети дефектите во внатрешната грејна инсталација или истото не е пријавено во Центар за грижа за потрошувачи на снабдување со топлина Балкан Енерџи. Снабдување со топлина Балкан Енерџи постојано контактира со потрошувачите и со заедниците на станари за отстранување на пречките, со цел грејната сезона да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Затоа во изминатиот период повеќе од 1.300 потрошувачи се телефонски контактирани и испратени се повеќе од 430 писмени ивестувања до потрошувачите и до заедниците на станари“, се вели во соопштението на БЕГ.

Оттаму посочуваат дека соработката на потрошувачите и заедниците на сопственици за ставање во функција на сите објекти дополнително ќе придонесе за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.