Утре посебен режим на сообраќај во Битола за време на трката „Трчај, бе 2024“

Утре во Битола, од 7:30 до 11:30 часот, од почеток до завршување на спортската манифестација „Трчај, бе“ ќе се применува посебен режим на сообраќај.

Од СВР-Битола информираат дека посебниот режим на сообраќај ќе се одвива на булеварот „1-ви Мај“ во близина на Саат Кула од страна на Музичкото училиште во Битола до кружниот тек кај Педагошки факултет, потоа улица „Генерал Васко Карангелевски“ до кружниот тек кај маркетот „Веро“, а режим на сообраќај ќе има и на улиците „11-та Македонска Дивизија“ до базен Довлеџик, улица „Филип Втори Македонски“ до кружниот тек кај месноста Дулие, улица „Баталјон Стив Наумов“, улица „Прилепска“ до ул. „4-ти Ноември“ и од крстосницата на улица „Солунска“ до „Широк Сокак“.

Годинава во Битола на „Трчај, бе“ има 1.800 учесници од 25 држави, меѓу нив и учесници од Филипини, Индија, САД, Ерменија, Португалија, Шпанија, Бразил, Мексико, Австралија, Пакистан, Нигерија…

Организаторот апелира граѓаните да ги ослободат паркинг местата кај плоштад „Магнолија“, Саат Кула и на улицата „Солунска“ кај Широк Сокак, да ги набљудуваат и поздрават учесниците на трката „Трчај, бе“ и националното првенство во полумаратон, што утре ќе се одржи во Битола.