Утре престанува забраната за одржување семинари, обуки, работилници, курсеви

Од утре, 28 април, престанува да важи забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип, соопшти Владата.

Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на ковид-19.

Со овие измени и дополнувања од утре полицискиот час ќе почнува во 21, а не од 20 како досега. Забраната и посебниот режим на движење нема да важи ноќта меѓу 1 мај – 2 мај, за време на Велигден, како и вечерта на 13 мај за време на Рамазан Бајрам.

– Од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20.30 часот после што ќе бидат затворени за посетители.
Оние компании од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува. Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои ќе продолжат да работат како и до сега – наведува Владата.

Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протокол за отворање и работа на кафетериите, Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19.

Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.