Утре привремен сообраќаен режим на булеварот Трета македонска бригада

Град Скопје информира дека утре (10.06.2014 година) ќе биде воведен времен сообраќаен режим на булеварот Трета македонска бригада. Имено, од Град Скопје додаваат дека причина за времениот режим се градежните работи кои ќе се изведуваат на двете стари коловозни ленти. Возилата по оваа сообраќајница ќе можат да се движат на двете новопробиени ленти на потегот од бензинската станица „Пуцко петрол“ до крстосницата со булеварот Србија.

Овој привремен сообраќаен режим на булеварот Трета македонска бригада ќе важи до завршување на градежните работи за проширување и реконструкција на оваа важна сообраќајна артерија. На посочената делница од булеварот ќе биде поставена соодветна патна сигнализација.