Утре се носи одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци

„Граѓаните да бидат спокојни. Мерките кои ги носи Владата со цел заштита на стандародт на граѓаните ќе се реализираат во целина. На следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци, a се прави и анализа за намалување на цените на хигенските производи“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на „Алма М“, компанија од дистрибутивниот бизнис, кои дистрибуираат производи по маркетите опфатени со мерката „гарантирана цена“

Министерот Бектеши кој во посета на „Алма М“ беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, кажа дека компаниите имаа рок да се усогласат со новите одлуки и со новите Законски решенија кои треба да се почитуваат од сите трговци.

„Имаме ново законско решение во делот на Заштина на потрошувачите и по барање на Стопанска комора на компаниите им дадовме определен рок да се усогласат со измените барањата на Законот. Овој законско решение целосно се применува во најразвиените европски земји и треба целосно да биде почитувано. Во однос на одлуката која веќе ја донесовме, тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“ кажа министерот Бектеши.

Бектеши потенцираше дека Министерството за економија и сите надлежни институции прават анализи на неделна основа и врз основа на сите влезни податоци ќе се донесат одлуки кои што ќе бидат во интерес на заштита на стандардот на граѓаните.