Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, потврди дека утре ќе стартуваат разговорите со „Вреди“ за евентуалната соработка во рамки на идната влада. Не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните
„Утре ќе почнат разговорите. Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик. Оптимистички е да се рече дека утре тоа ќе го успееме, но верувам дека брзо ќе најдеме конкретен план“, изјави Муцунски за Алсат.