Утре во Трново 53. Семакедонска средба по повод Илинден

Во потпелистерското село Трново утре, по повод празникот Илинден и Денот на Републиката, ќе се одржи 53. Семакедонска средба „Трново 2024“ на која, како што соопшти Матицата на иселениците на Македонија, се очекуваат Македонци од сите делови на државата и од дијаспората.

Семакедонската средба ќе се одржи од 10.30 до 12.30 часот во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што претходно, од 7.30 до 10.30, ќе се одржи света богослужба.

Матицата на иселениците на Македонија информира дека 53. Семакедонска средба ќе ја отвори академик Катица Ќулавкова, а присутните ќе ги поздрават Тони Коњановски, градоначалник на Битола и покровител на Средбата, од име на Владата на Македонија ќе се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, обраќања ќе имаат организаторите, како и претставници на Македонците од соседните земји.

Средбата ќе продолжи со општонародна веселба. Подготвена е богата културно-уметничка програма во која ќе учествуваат Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Битола и естрадни уметници.

-Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија нè има, без Македонија сите заедно ќе нè снема! Затоа, организаторите повикуваат на семакедонското помирување и обединување, бидејќи во единството е силата за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на народот македонски, наведува Матицата на иселениците.

Матицата ја организира 53. Семакедонска средба, заедно со Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Македон и Светскиот македонски конгрес.