Утре вработени од ГОБ „8 Септември“ излегуваат на протест

Дел од вработените во ГОБ 8 Септември утре излегуваат на мирен протест незадоволни од доцнењето на платите во здравството поради хакираниот систем на ФЗОМ. Протестот утре ќе се одржи во дворот на болницата, за време на паузата од 13 до 13.30 часот, објави Канал 5.

Веќе две недели поминаат од хакирањето на базата на ФЗОМ, поради што не функционираат повеќе сегменти од системот, меѓу кои е и исплатата на платите на медицинскиот персонал, но и породилното и другите боледувања. Премиерот Ковачевски рече дека се работи за хакерски ренсомвер напад кој по дефиниција е врзан за давање откуп од страна на оштетената страна за враќање назад на енкриптираните податоци од хакерите.

Можно е здравствените работници утре да добијат плата, по најавата на премиерот Ковачевски од пред некој ден кога вети дека пари ќе се обезбедат од Централниот трезор, па кога ФЗОМ ќе го врати во функција системот, ќе ги врати и овие пари.

ФЗОМ пак на здравствените институции им наложи рачно да ги направат пресметките за плати и да ги достават до фондот заради исплата.

Претходно, протест за во среда најавија здравствените работници од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ независно од тоа дали во понеделник ќе ја примат задоцнетата плата.