Под мотото „Филмови на големото срце“ ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“, во периодот од 5-ти до 7-ми јуни 2015 година во Кинотека на Македонија, а во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, односно членовите на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија.
Во борба за официјалната награда се пријавија 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.
Со децата кои членуваат во Тинтири Минтири се работи на сите аспекти од филмот, почнувајќи од идеја, преку синопсис, сценослед, сценарио, поделба на улоги, глума, режија, камера, тон, монтажа итн. Членови работејќи на своите дела стекнуваат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволуваат потребата за креативно изразување.
Раководителот на центарот Тинтири Минтири и директор на фестивалот, м-р Кузман Кузмановски, смета дека со изработката на детските филмски дела се верифицира нивниот труд и желба за работа, а се надева дека тие ќе остават траен печат во срцата на децата, којшто натаму може да помогне истите да започнат професионално да се занимаваат со филм и да бидат нашите идни македонски филмски работници.
Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.
Во план е во втората фаза на овој проект, програмата на „Тинтири Минтири Филм Фест“да биде прикажана низ повеќе градови во Република Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ Тинтири Минтири ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.
На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање на филм според истото. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: [email protected] и на адресата: улица „Венијамин Мачуковски“, број 17 1/1, 1000 Скопје.
Центарот Тинтири – Минтири веќе 12 години работи со деца од предучилишна и училишна возраст во сферата на аудио-визуелните медиуми и театарската уметност, а под водство на м-р Кузман Кузмановски.
Екипата на Центарот се состои од режисер, сценарист, снимател, актер, педагог, социолог, како и други соработници и популарни и докажани професионалци од аудиовизуелната област. Меѓу другото, организира работилници за анимација за деца во рамки на македонскиот интернационален фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“.
Повеќе информации за уписите и тековните часови, како и програмата можете да добиете на контакт телефоните 078 44 75 27, 078 301 551 и 078 30 21 61 или на нашиот мејл [email protected] и веб-сајт http://tintirimintiri.mk/.
Центарот ќе ја продолжи својата работа и во текот на летото со организирање на летни активности поврзани со филмот и со филмската уметност.