Утрово во скопската населба Лисиче е пукано кон Љупчо Костадиновски, таткото на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски, кој се води за исчезнат веќе четврти месец. Тој е повреден и веднаш е пренесен во болница, а полицијата е на терен.
„Денеска во 08:38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ.К. (57) пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за Курир.
Таткото на Костадиновски, познат и по тоа што е внук на политичарот и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, според информации на медиуми, добил прострелна рана во пределот на раката. Кон него било пукано додека бил во дворот од својот семеен дом.
Костадиновски пред извесно време во јавноста понуди парична награда за информација која ќе доведе до пронаоѓање на неговиот син.