Утврден текстот на нов Предлог-закон за средно образование: Се воведуваат стручна матура и влезен академски испит

Текстови на нов Предлог-закон за средно образование и нов Предлог закон за стручно образование и обука, на предлог на Министерството за образование и наука, утврдени се денеска на седница на Влада.

Целта на новиот закон за средно образование, според предлагачот, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.

Учениците, како што информира владината прес-служба, во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со кои ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи учениците компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура.

По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Концепцијата за испити на крајот на средното образование ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество“. Секој вработен во училиштето, според предвиденото, е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него.

Во средните училишта, учениците слободно се организираат во класни заедници и ученички совет. Учениците имаат право на слободно организирање во ученички совет на локално и регионално ниво, Сојуз на средношколци на национално ниво или во други облици во согласност со други закони и подзаконски акти. Во работата на училишниот одбор, стручните органи и тела на училиштето и во Советот на родители, учествуваат претставници на учениците избрани од страна на ученичкиот совет.

Владата на денешната седница го утврди текстот и на новиот Предлог-закон за стручно образование и обука.

Законот за стручно образование и обука којшто во моментот се применува е донесен во 2006 година, а реформата на стручното образование и обука, според предлагачот Министерството за образование и наука, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресуси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.

– Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година, којашто како приоритети ги поставува: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот,  подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука и подобрување на капацитетите на човечките ресурси, се вели вио владиното соопштение.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е определено и со Годишниот план за работа на Министерството за образование и наука.