Јувентус и Алегри и официјално се разидоа

Управниот одбор на италијанскиот фудбалски великан Јувентус од Торино во понеделникот потврди дека постигнал спогодбен раскин на договорот со тренерот Масимо Алегри. Јувентус се раздели со Алегри по финалето на Купот на Италија во кое торинската „Стара дама“ ја победи Аталанта со 1:0.

Алегри по натпреварот имаше испади кон некои претставници на медиумите и судискиот персонал, но и кон спортскиот директор Кристијан Џунтоли. Клубот го нарече однесувањето на Алегри неприфатливо и против вредностите на клубот и фудбалот.

Потоа, играчите ги одиграа последните два натпревара од сезоната под водство на Паоло Монтеро, кој го води тимот на Јуве до 19 години .

Јувентус, кој сезоната ја заврши на третото место со 23 бода помалку од првопласираниот Интер, сега е во потрага по нов тренер, а медиумите неодамна пишуваа дека пројавуваат интерес за Тиаго Мота, кој го освои петтото место во првенството оваа година со Болоња.