Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус е исфрлен од годинешната Конференциска лига поради прекршување на правилата за финансиски „фер-плеј“, соопшти Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).
Оваа одлука е резултат на истрагата што ја започна Комисијата за финансиска контрола на клубовите на УЕФА во декември минатата година.
Покрај исфрлањето од Европа оваа сезона, Јувентус е казнет и финансиски со 20 милиони евра, од кои 10 милиони се условни и нема да бидат активирани доколку клубот од Торино ги усогласи своите финансии со барањата на УЕФА во 2023, 2024 и 2025 година.
Јувентус не се согласува со објаснувањето на УЕФА.
„Остануваме цврсто убедени во легитимноста на нашите постапки и исправноста на нашите аргументи. Сепак, решивме да не се жалиме на оваа одлука“, изјави претседателот на Јувентус, Џанлука Фереро.
Покрај Јувентус, со 10 милиони евра е казнет и англискиот премиерлигаш Челзи поради нецелосен финансиски извештај.