Фудбалерите на Јувентус изборија рутински пласман во полуфиналето на Купот откако во Торино го совладаа Фросиноне со 4:0.
Фросиноне направи големо изненадување во осминафиналето совладувајќи го Наполи со 4:0, но тоа не можеше да го повтори против торинската „Стара дама“. Тоа и пред натпреварот го навестуваше и традицијата, имено Јувентус никогаш не загубил од Фросиноне во Серија А, победувајќи на шест од седумте првенствени натпревари.
Домашните поведоа во 11. минута со голот на Аркадиуш Милик од пенал, откако Пор Лирола го собори Фабио Мирети. Полскиот напаѓач го постигна вториот гол на натпреварот во 38. минута, а одличната претстава ја круниса со „хет-трик“ во 48. минута. Милик ја затресе мрежата и во 57. минута, но четвртиот гол му беше поништен по асистенциите на ВАР. Конечните 4:0 ги постави Кенан Јилдриз во 61. минута.
Јувентус во полуфиналето ќе игра против Лацио, кој во средата во „Дерби дела Капитале“ ја совлада Рома со 1:0. Дуелот во Рим го реши погодокот на Матија Закањи од пенал во 51. минута.
Во второто полуфинале ќе играат Аталанта и Фиорентина.
Аталанта го победи Милан со 2:1 во четвртфиналниот натпревар на милански „Сан Сиро“. Херој на мечот беше холандскиот двоен стрелец Теун Купмајнерс (45+2, 59-11м), а голот за Милан го постигна Рафаел Леао (45).
Во вторникот, Фиорентина ја победи Болоња со 5:4 по подоброто изведување на пеналите, откако мечот и по продолжувањата заврши без голови.
Полуфиналните натпревари се играат во два натпревара, а термините на натпреварите се 3-ти и 4-ти април, а реваншите на 24-ти и 25-ти април. Финалето е закажано за 15-ти мај на стадионот „Олимпико“ во Рим.