Во последниот дуел од 10-то коло на германското фудбалско првенство минхенски Баерн на својата „Алијанц Арена“ со 5:0 го совлада Фрајбург правејќи скок на табелата.
Иако Фрајбург ова коло го пречека на втората позиција на табелата, Баерн немаше поголеми проблеми. По речиси час игра веќе имаше водство од 4:0 и го реши прашањето на победникот. До крајот на дуелот Марк Флекен вкупно пет пати ја вадеше топката од мрежата.
Стрелци за актуелниот првак беа Серж Гнабри во 13, Ерик Максом Чупо-Мотинг во 33, Лирој Сане во 53, Садио Мане во 56 и Марсел Забитцер во 80 минута.
Со победата Баерн се искачи на второто место со 19 бодови, а Фрајбург остана на 18 бодови и падна на третата позиција.
Во претходно одиграниот дуел Унион Берлин продолжи со одличните резултати и ја порази дома Борусија Дортмунд со 2:0, а јунак на домашните беше Јаник Хаберер кој беше двоен стрелец во 8 и во 21 минута.
Ова беше четвртиот голем меч во кој Унион Берлин остана непоразен иако играше против фаворит. Претходно тимот на Урс Фишхер во првото коло во градското дерби ја совлада Херта со 3:1, пота во трето коло РБ Лајпциг со 2:1, а во петтото коло следеше ремито со Баерн 1:1, а сега славеа и против вицепрвакот Борусија Дортмунд со 2:0. Единствениот пораз сезонава Унион го доживеа од франкфуртски Ајнтрахт со 0:2.
Унион Берлин остана на чело на Бундеслигата со 23 бодови, а Борусија Дортмунд е на осмото место со 16 бодови.
Во првиот неделен дуел Келн го совлада Аугсбург со 3:2. Гостите поведоа со голот на Фориан Нидерлејнер во 14 минута, но Келн успеа да направи пресврт со три гола во низа, а стрелци беа Штефан Тигес во 47 и 82 и Денис Хисеинбашиќ во 61 минута. Даниел Галигиури во 68 минута намали, но тоа остана конечен резултат.
Келн се искачи на седмото место во групата екипи со по 16 бодови, а Аугсбург остана со 13 бодови на 12-то место.