Увезени краставици од Албанија со двојно повеќе пестициди од дозволеното

Љупчо Николовски дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска обвини дека надлежните институции не ја извршувале функцијата и дозволиле увоз на краставици од Албанија кои содржат пестициди двојно повеќе од дозволеното.

– Минатата недела, на барање на потрошувачите и домашните раноградинари до Државната фитосанитарна лабораторија доставивме примерок од увозни краставици произведени од областа Лушна – Албанија, купени на Кванташки пазар, за да се испита присуство на пестициди. Резултатите ги добивме, а тие се загрижувачки и алармантни. Испитувањето  и  анализите  добиени  од  страна  на  ДФЛ  покажаа  дека  увезената  краставица  од  Албанија  содржи двојно повеќе пестициди отколку што е законски дозволено, односно концентрација на активна супстанца  Metalaxyl која е отровна, изјави денеска Николовски.

Податоците за увозникот, извозникот и други релевантни податоци, додаде, ќе бидат службено доставени до надлежните институции за натамошно процесуирање согласно законските одредби со кои се третира безбедноста на луѓето и здравјето од контаминација со храна.

– Останува отворено прашањето зошто затаила контролата при увоз и кој дозволил овие отровни краставици да завршат да домашниот пазар. Дали сите фирми увозници се контролираат подеднакво и како потрошувачите да имаат доверба во институциите кои ги плаќаат, истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.