Узбекистанецот го призна нападот во Њујорк, Трамп бара смртна казна

Сејфул Саипов, 29-годишниот Узбекистанец, признал дека го извршил нападот со камионет на њујоршки Менхетен во кој загинаа осум луѓе а уште дванаесет беа повредени, изјавувајќи дека го инспирирала џихадистичката групација Исламска држава како и дека „се чувствува добро“ поради својот чин, додека американскиот претседател Доналд Трамп за него побара смртна казна.

Американските власти поднесоа кривична пријава против Сејфул Саипов, доселеник од 2010 година од Узбекистан кој имал дозвола за постојан престој во САД (ткн зелена карта), кој е обвинет за газење велосипедисти и пешаци со камион во вторникот утрото на њујоршки Менхетен. Саипов пред иследниците рекол дека го инспирирало гледањето на интернет видеата на Исламската држава, како и дека нападот започнал да го планира пред една година.

Саипов, кој е хоспитализиран откако во стомакот го застрелала полицијата кога судирајќи се со камионетот во училишен автобус излегол од возилото со пневматска пушка и пушка за пејнтбол, им признал на иследниците дека на 22-ри октомври со изнајмено возило извел пробрно возење и изјавил дека „се чувствува добро поради тоа што го сторил“.

Како што се наведува во обвиниението, Саипов го одбил правото да се брани со молчење, а на разговорот со претставниците на властите од постелата во болничкиот центар на Менхетен се согласил без присуство на адвокат.

Според наводите на обвинителот, рекол дека за нападот го избрал празникот Ноќта на вештерките, бидејќи се очекувало на улиците да има повеќе луѓе поради убавото време, како и дека првично планирал нападот да го изведе на мостот во Бруклин, како и на велосипедската патека на западниот брег од Менхетен.

„Терористот од Њујорк рече дека е среќен и дека барал во болничката соба да го истакне знамето на Исламската држава. Уби осум луѓе, а тешко повреди 12. ТРЕБА ДА ДОБИЕ СМРТНА КАЗНА!“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп.

Ден претходно Трамп изјави дека е отворен за префрлување на Саипов во војниот затвор Гвантанамо во истоимениот залив на Куба, каде што се наоѓаат и други затвореници, вклучително и осомниечните за планирањето на терористичкиот напад од 11-ти септември 2001 година во Њујорк, кога беа убиени околу 2.600 луѓе.

Иследниците на мобилниот телефон кој го користел Саипов пронашле илјадници пропагандни фоторгафии и видеа поврзани со Исламската држава, вклучително и видео инсерти кои ги прикажуваат заробениците на џихадистите со отсечени глави, прегазени со тенк или застрелани во лицето.

Саипов се товари по основа на материјијална поддршка и ресурси на странска терористичка организација, конкретно на Исламската држава, како и за осум смртни случаи коишто ги предизвикал со изнајмен камионет.

Државниот обвинител Јун Ким изјави дека според првата точка од обвинението Саипов може да добие доживотен затвор, додека по втоата, доколку владата го побара тоа, би можел да биде осуден на смртна казна.

Федералното биро за истраги (FBI), пак, во средата објави дека е пронајден и 32-годишниот Мухамадџоир Кадиров, исто така, по потекло од Узбекистан, по кој ден претходно беше издадена потерница поради сомневање за вмешаност во нападот на Мехнетен.

Функционери од американското министерство за правда, под услов на анонимност поради траењето на истрагата, изјавиле за Reuters дека Саипов бил во контакт со Кадиров и со уште едно лице, без да дадат повеќе поединости за тоа.