Жителите на Појасот Газа се засолнуваат во болници и училишта додека израелските бомбардирања продолжуваат, а храната, водата и лековите се при крај.
Повеќе од еден милион луѓе ги напуштија своите домови пред очекуваната израелска копнена офанзива.
Палестинците се надеваат дека ќе го отворат граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет, каде камионите чекаат со денови да ја достават потребната хуманитарна помош додека посредниците вршат притисок да се прогласи прекин на огнот за да можат да влезат во Газа и да им се овозможи на странците да ја напуштат.
Рафа, единствената врска на Газа со Египет, е затворена речиси една недела поради израелските бомбардирања.
Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека Израел не се согласил да го отвори преминот од Газа.
Цели населби се срамнети со земја во израелските воздушни напади додека палестинските екстремисти продолжуваат да истрелуваат ракети кон Израел.
Стотици илјади Палестинци кои се засолниле во зградите на ОН имаат на располагање помалку од еден литар вода дневно.
Болниците предупредуваат дека се на работ на колапс, дека за генераторите кои овозможуваат работа на респиратотите и инкубаторите има гориво само за еден ден и дека медицинските материјали се речиси исцрпени.
Во војната меѓу Израел и Хамас досега се убиени 2.750 Палестинци, а 9.700 се ранети.
Во Израел загинаа повеќе од 1.400 луѓе.
Оваа последна војна се смета за најсмртоносна за двете страни.