Јужна Америка одобри стадион на 4.083 метри надморска височина

Јужноамериканската фудбалска федерација Конмебол (Conmebol) го одобри натпреварот од Копа Либертадорес меѓу боливискиот Олвејс Реди и перуанскиот Спортинг Кристал на 20-ти февруари на фудбалскиот стадион во боливискиот град Ел Алто на 4.083 метри надморска височина, објави клубот.

Претставниците на јужноамериканската конфедерација го прегледаа стадионот „Вила Инхенио“ со капацитет од 25.000 луѓе во понеделникот, пред да дадат зелено светло за домаќин на овој натпревар од второто коло во Копа Либертадорес, јужноамериканскиот пандан на европската Лига на шампионите.

„Ова е историски ден за градот Ел Алто“, рече претседателот на Олвејс Реди“, Андрес Коста на прес-конференцијата на стадионот, највисокиот во Боливија пред оној во Потоси кој е на 3.900 метри надморска височина.

Основан во 1933 година, клубот Олвејс Реди се врати во боливиската прва дивизија во 2019 година првпат по 28 години и по четврти пат во својата историја учествува во Копа Либертадорес.

Контроверзии околу натпреварите на голема надморска височина редовно се појавуваат во Јужна Америка. Ги спротивставува нациите на Андите, Еквадор, Боливија, Перу и Колумбија, горди на својата сурова топографија, против големите јужноамерикански фудбалски нации Бразил и Аргентина, кои се гледаат себеси во неповолна положба поради недостиг од кислород во споредба со домородното население кога играат на овие стадиони.

Во 2007 година, ФИФА забрани меѓународни натпревари на повеќе од 2.500 метри надморска височина, со цел да се зачува здравјето на играчите.
Претставниците на спортските тела на земјите од Андите тогаш уверуваа дека е многу поопасно да се игра на висока температура на ниво на морето отколку на поголема надморска височина, особено укажувајќи на смртта на играчите на терените во Европа. ФИФА конечно ја промени својата одлука во 2008 година.

Стадионот Ел Алто, сепак, не е највисок во Јужна Америка. Стадионот кој се наоѓа на најголема надморска височина на 4.378 метри е стадионот Даниел Алсидес Карион, кој се наоѓа во Серо де Паско, во центарот на Перу.