![severnokorejski vojnici](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/severnokorejski-vojnici.webp?resize=696%2C464&ssl=1)
Бројката севернокорејски војници убиени и ранети во борбите со украинските сили во руската област Курск „најверојатно“ надмина 3.000, вклучувајќи околу 300 мртви и 2.700 ранети, изјави денеска јужнокорејски пратеник, цитирајќи информации од тамошната разузнавачка агенција.
Севернокорејските власти „се чини дека ги повикале своите војници да извршат самоубиство разнесувајќи се за да избегнат заробување“, тврди неименуваниот пратеник во информацијата на Reuters, кој наводно ја цитирал јужнокорејската Национална разузнавачка служба (NIS).
Заробените севернокорејски војници не покажале намера да дојдат во Јужна Кореја, иако Јужна Кореја би соработувала со Украина доколку има барање, пишува новинската агенција Yonhap, повикувајќи се исто така на NIS.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата тврдеше дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск. Меѓутоа, досега не се презентирани убедливи докази кои ќе го потврдат тоа.
Москва и Пјонгјанг засега не ги коментираат тврдењата на Киев и Сеул, а воените аналитичари оценуваат дека понудените документи не ја потврдуваат изјавата на укранскиот претседател.
Според украинските и западните проценки, околу 11.000 севернокорејски војници се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство, но посочи дека евентуално нивно присуство на нејзина територија е во согласност со билатералните договори и меѓународното право.
Зеленски тврди дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби. Во неделата, тој рече дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун, доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.
Зеленски рече дека може да има други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома, „и дека на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик ќе им се даде оваа можност“.