Јужна Кореја и Соединетите држави во понеделникот ги започнаа вообичаените големи годишни летни воени вежби чија цел, како што наведуваат Сеул и Вашингтон, е да ја зајакнат нивната заедничка подготвеност да се одбранат од севернокорејско оружје и сајбер закани.
Вежбите под кодниот назив „Ulchi Freedom Shield”, кои ќе траат до 29-ти август, се спроведуваат додека Северна Кореја продолжува да ги развива своите нуклеарни и ракетни програми и обидите за лансирање на сателити за извидување.
Вежбите ќе ги одразуваат „реалните закани“ во сите домени, вклучително и ракетните закани на Северна Кореја, како и заглавувањето на GPS, сајбер нападите и другите научени лекции од неодамнешните инциденти, соопштија воените сили на двете земји.
Јужна Кореја истовремено одделно ќе спроведе симултани вежби за цивилна одбрана „Ulchi“ предводени од владата, според сценарио на севернокорејски нуклеарен напад, соопштија официјални лица.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол повика на целосна готовност против Северна Кореја, опишувајќи ја како „најмалку промислена и најирационална земја во светот“.
„Како што се гледа во Украина и конфликтите на Блискиот исток, војната може да избие во секое време. И природата на војната е променета во споредба со порано, таа се води во хибридна форма која комбинира регуларна, неправилна и сајбер војна, па дури и јавно мислење и психолошка војна користејќи лажни вести“, рече јужнокорејскиот претседател.
Во воените вежби ќе учествуваат околу 19.000 јужнокорејски војници, според Јун.
Пјонгјанг постојано ги осудува овие вежби и ги нарече проби за нуклеарна агресија кон Северна Кореја и вообичаено ги следи со лансирање проектили со краток и среден дострел. Сеул и Вашингтон, пак, тврдат дека вежбите имаат одбранбен карактер и одговор на заканите од Северна Кореја.