Јужна Кореја истражува за смртоносната забава во Сеул за Ноќта на вештерките, бројот на загинати се искачи на 154

Јужнокорејските истражители денеска почнаа да ги прегледуваат снимките од повеќе од 50 државни и приватни безбедносни камери и социјалните мрежи во потрага по одговори за смртоносната забава на Ноќта на вештерките.

Бројот на загинатите во стампедото во Сеул се искачи на 154, уште 149 лица се повредени, од кои 33 се во тешка состојба, а меѓу загинатите има државјани од најмалку дваесет земји.

Премиерот Хан Деок-су вети темелна истрага, а властите рекоа дека се фокусирани на реконструкција на настаните и испитување дали некој може да биде одговорен за она што се случило.

Главниот полициски истражител Нам Гу-џун изјави дека ќе продолжат да испрашуваат повеќе очевидци, вклучително и вработени во околните продавници.

Премиерот Хан рече дека идентификацијата на жртвите е речиси завршена и дека може да започнат подготовките за погребот, а претседателот Јун Сук-Јол прогласи состојба на национална жалост. Претседателот денеска го посети спомен-олтарот во близина на градското собрание на Сеул и им оддаде почит на жртвите.

Трагедијата се случи во саботата вечерта за време на прославата на Ноќта на вештерките, кога во еден момент неколку стотици луѓе се нашле на удолницата, во тесна уличка широка само четири метри, од каде не можеле да се сокријат ниту да излезат, па почнале да паѓаат еден врз друг, објави агенцијата Јонап.

Стампедото започнало кога луѓето почнале да се превртуваат како „домино“ и да се натрупуваат еден врз друг во метежот поради гужвата, поради што многумина не можеле да добијат воздух или биле прегазени, велат очевидци.

Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, главно средношколци.