Јужна Кореја крена авиони и предупредувачки стрелаше по упад на дронови од северот

Севернокорејско беспилотно летало прегледано во Министерството за одбрана во Сеул, Јужна Кореја, на 21 јуни 2017 година.

Јужната Кореја подигна борбени авиони и јуришни хеликоптери и отворила предупредувачки оган во понеделникот, откако севернокорејски беспилотни летала го повредиле нејзиниот воздушен простор, соопшти јужнокорејската војска.

Јужнокорејските сили ги следеле дроновите кои ја минале демаркациската линија, откако биле забележани кај западниот град Гимпо, на островот Кангва и во Паџу, во пограничната покраина Кенгидо, околу 10.25 часот по локално време, односно 2,25 часот по македонско време, соопшти здружениот штаб на јужнокорејската војска.

Лесен јуришен авион на јужнокорејската војска од моделот „КА-1“ се урнал набрзо по полетувањето од базата Вонџу, на истокот од земјата, соопштил за агенцијата Yonhap функционер на министерството за одбрана. Двајцата пилота успеале да се исфрлат од авионот пред падот и се згрижени во болница.

Јужнокорејското министерство за сообраќај соопшти претходно дека летовите над аеродромите во Инчеон и Гимпо биле суспендирани по барање на војската.

Суспендирањето на летовите стапило на сила во 13,08 часот по локално време во Гимпо и во 13,22 часот во Инчеон. Траела околу еден час, односно воздушниот простор е отворен околу 14,10 часот, изјавил за Reuters претставник на министерството за сообраќај.

Беспилотните летала навлегле на јужнокорејската територија до предградијата на главниот град Сеул, кој е релативно блиску до границата.

Командантот за воени операции на Здружениот генералштаб на јужнокорејските сили, Ли Сеунг О, изјави дека на инцидентот гледа како на отворена провокација.

„Станува збор за мали севернокорејски беспилотни летала, со размер до два метра. Еден од нив долета до северниот регион на областа на главниот град, другите четири летаа во областа на островот Кангва. Нашите сили веднаш реагираа во рамките на правото на самоодбрана“, рече Ли.

Слични ситуации со севернокорејски беспилотни летала беа регистрирани во Јужна Кореја и во 2014 и во 2017 година.