Јужна Кореја: За еден ден над 40.000 заразени со коронавирус

Photographer: SeongJoon Cho/Bloomberg

Новите случаи коронавирус во Јужна Кореја надминаа 40 илјади за првпат во два месеци, а Владата во Сеул предупреди дека наредните месеци би можело бројот заразени да се зголеми и петпати повеќе од тоа ниво.

„Дневниот број случаи може да достигне 200 илјади помеѓу средината на август и крајот на септември”, рече премиерот Хан Деок-су на владиниот состанок посветен на борбата против Ковид-19, пренесувајќи го мислењето на Корејската агенција за контрола и превенција на болести и експерти.

Изминатиот ден во Јужна Кореја се регистрирани 40.266 случаи, што е зголемување за 8 проценти споредбено со ден претходно. Тоа е највисоко ниво од 11 мај, кога беа пријавени 43.908 случаи.

Бројката од 200 илјади случаи дневно беше достигната во април оваа година.

Јужнокорејскиот премиер рече дека сите постари од 50 години и оние кои страдаат од хронични болести ќе можат да добијат втора засилена доза. Досега тоа им беше дозволено на лицата постари од 60 години, но само 32 отсто од оние кои ги исполнуваа условите решија да се вакцинираат по четврти пат.