В недела почнува дводневен штрајк на германските железничари, бараат поголеми плати за 12 отсто

Германските железничари од оваа недела ќе почнат предупредувачки штрајк, соопшти денеска транспортниот синдикат ЕВГ. „Штрајкот ќе започне во 22 часот по локално време (20:00 часот по Гринич) во недела и ќе продолжи до полноќ (22 часот по Гринич) во вторник“, рече членот на одборот на ЕВГ, Козима Ингеншај на прес-конференција во Келн.
Се очекува предупредувачкиот штрајк, трет во последните три месеци, да предизвика доцнење и откажување на регионалните и меѓуградските патнички возови низ целата земја.
ЕВГ која има околу 230.000 членови, моментално е во преговори за платите со националниот железнички оператор, Дојче Бан, и уште околу 50 други железнички компании.
Поради високата инфлација и зголемените животни трошоци, синдикатот бара зголемување на месечните плати за 12 отсто и не помалку од 650 евра.