Вагнер ќе добие муниција за да продолжи да се бори во Бахмут

На руската приватна воена компанија „Вагнер груп“, која се бори против украинските војници во градот Бахмут, руско име Артјомовск, во Донбас, ѝ е ветено доволно муниција за да ја продолжи битката, изјави во неделата шефот на компанијата, Евгениј Пригожин.

Изјавата доаѓа откако Пригожин предупреди дека неговите борци ќе бидат принудени да се повлечат од градот на 10 мај, доколку руското Министерство за одбрана не го реши недостигот на муниција.

Во говорната порака објавена на неговиот канал Телеграм, Пригожин рече дека Вагнер добил воена инструкција во која е  ветено онолку муниција и оружје колку што е потребно за да продолжат со активностите.

„Ни беше кажано дека можеме да вршиме активности во Артјомовск како што сметаме дека е потребно“, додаде Пригожин.

Тој, исто така, рече дека армискиот генерал Сергеј Суровикин, заменик-командантот на руската воена операција во Украина, имал задача „да ги носи сите одлуки поврзани со воените активности на Вагнер во координација со Министерството за одбрана“.

Во петокот, Пригожин рече дека персоналот на Вагнер претрпува големи загуби поради, како што рече, недостиг на муниција од 70%. Тој подоцна објави дека позициите на Вагнер ќе му бидат предадени на Ахмат, елитна единица од руската Чеченија.

Жестоката и крвава битка за рударскиот град Бахмут, трае веќе неколку месеци. Пригожин тврди дека неговите сили ја презеле контролата врз речиси целиот град, додека Украинците се држат на мала област во западниот дел.

Заземањето на Артјомовск, важен логистички центар, ќе им овозможи на руските сили да направат понатамошен напредок во Донбас.