Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, по денешното второ читање на предлог-Резолуцијата за македонската држава во ЕП, порача дека „земјата е на политички крстопат“ и се зависи од „успешното спроведување на предвремените парламентарни избори“, кои според словенечкиот европратеник, имаат неспорен датум на одржување, а тоа е 24 април.
Вајгл потенцира дека датумот на изборите е утврден со договорот од Пржино, но Словенецот инсистира дека истиот треба да се спроведе и во неговите останати делови, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Тука во Европскиот парламент е предочен фактот дека Македонија повторно стои на еден политички крстопат. Треба наредните денови да се донесе дефинитивно одлука за датумот на изборите. А, тој датум веќе е содржан во договорот од Пржино и тоа е 24 април. Е, сега треба да бидат исполнети и сите останати услови од договорот од Пржино. Тоа значи сериозни и длабоки реформи на различни подрачја, а како почеток Државната изборна комисија мора да даде уверение дека постојат услови за тоа изборите да бидат транспарентни, демократски и во согласност со високите услови што земјите-кандидати мораат да ги исполнуваат, а кои се стандарди на Европската унија, истакна Вајгл во изјава за МИА.
Според искусниот словенечки европратеник, една од критичните точки, а тоа според него подобро го знаат политичарите и јавноста во Македонија е позицијата на медиумите во предизборниот процес. Медиумите, според Вајгл, како огледало на општеството и значајна општествена сила што отвора критичка перспектива и држи огледало на политиката, мораат да одиграат одговорна, избалансирана улога во еден демократски процес во кој сите учесници имаат идентични права. „Имаат право нивните ставови да бидат презентирани на начин на кој нивните конкуренти во изборниот процес тоа го прават“, вели тој.
Според Иво Вајгл, тоа не е едноставна задача, посебно ако се гледа на структурата на медиумите во Македонија.
– Затоа, посебно се фокусираме на тоа каква улога мора да одиграат јавните медиуми. Јавните медиуми, радио-телевизијата и другите јавни медиуми. Да не доаѓа до судир на интересите во смисла да се мешаат партиските и државните интереси во предизборниот и изборниот процес, потенцира Вајгл.
Во однос на денешната расправа за предлог-Резолуцијата за Република Македонија во Европскиот парламент, според Вајгл, расправата покажала дека во ЕП има сериозен интерес за напредок на Македонија на евроатлантскиот пат и дека тоа е главен мотив низ целата Резолуција.
– Говоревме за тоа дека исполнувањето на сите точки од договорот од Пржино претставува предуслов, тоа е став и на ЕК и на ЕП, за тоа конечно да се отвори вратата за преговори на Македонија за членство во Европската унија. Според тоа, договорот од Пржино не е нешто што има минлива вредност, туку е фундамент на кој се базира европската перспектива на Македонија, дециден е Иво Вајгл.
Посочувајќи дека тој е оптимист и дека сака Македонија да напредува на европскиот пат, Вајгл на крајот во изјавата за МИА потенцира дека Европскиот парламент посебно ја истакнува позитивната улога што Македонија ја игра во моментов во бегалската криза.
– Посебно ги забележавме и напорите што македонската Влада ги вложува во добрососедските односи со соседите, посебно со Грција и Бугарија. Тука се воспоставува нова доверба и мислам дека тоа е клуч и кон решавање на билатералните прашања, пред се прашањето за името, што во минатото беа причина за блокада на преговорите и напредок на Македонија, завршува Иво Вајгл.