Вајгл, Ховит и Кукан на средби во ДИК и Специјалното обвинителство

Вајгл, Ховит и Кукан на средби во ДИК и Специјалното обвинителство
Вајгл, Ховит и Кукан на средби во ДИК и Специјалното обвинителство

Европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои од вчера се наоѓаат во посета на Македонија, денеска ќе имаат средба во ДИК, а треба да се сретнат и со специјалната обвинителка Катица Јанева, објави МИА.

Тројката европратеници кои посредуваа во напорите за постигнување на договорот од Пржино, вчера имаа средба со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. Исто така, имаа и разговори со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што лидерот на оваа партија и премиер Никола Груевски е во посета на САД.

Целта на посетата е да ги охрабрат политичките партии да се забрза усвојувањето на преостанатите обврски од договорот.

Вајгл, Ховит и Кукан по денешните средби најавија изјава за медиумите на која ќе ги соопштат нивните согледувања од одржаните средби во врска со спроведувањето на договорот од Пржино.

По тројцата европарламентарци, в петок во Скопје доаѓа и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан со цел да направи увид во спроведувањето на договорот, чија крајна цел е одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април годинава. Посетата на Хан се очекува да се поклопи со изборот на техничка Влада и на нов привремен премиер, со единствена задача спроведување на предвремените избори.