Вајгл: Опозицијата да се врати во Собрание

Владата и опозицијата треба да работат заедно за доброто на државата. Без дијалог меѓу нив, нема европска иднина за Македонија, изјави европратеникот Иво Вајгл, на Конференцијата на Комисиите за европски прашања од Западен Балкан.

Вајгл потврди дека во процесот „Жан Моне“ нема да се разговара за името.

„Во дијалогот Жан Моне, нема да се разговара за прашањето со името. Всушност никогаш и не зборувавме на таа тема. Ќе зборуваме за дијалогот меѓу парламентарните политички партии. Нашата цел е да негуваме политики договор и компромис“ смета Вајгл.

Европратеникот Едвард Кукан, пак, истакна дека оваа година е важна за проширувањето на ЕУ и повика земјите од Западен Балкан да ја искористат можноста како што треба.

„Годинава е многу важна за продолжување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. ЕУ е активна и одговорна во овој правец, но бараме од земјите од Западен Балкан да ги завршат домашните обврски, бидејќи мислам дека тоа ќе ја турка напред целта што ја има целиот регион“, вели Кукан.