Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Вајгл ја поздрави одлуката на Груевски да престојува во дводневна работна посета на Брисел и посочи дека е добро сите во ЕУ да се запознаат со случувањата во Македонија, но порача дека сите проблеми, земјата треба да ги решава сама, а не да чека интервенција однадвор.
– Мислам дека е многу важно да се одржи дијалогот меѓу нас како Европски парламент и политичарите од Македонија, без разлика на тоа каква функција тие имаат во моментот. Јас ја ценам иницијативата на господинот Груевски да дојде тука со неговите соработници. Имавме добра размена на мислења и јас мислам дека од двете страни има потреба да се продолжи со демократските процеси во насока на избори, што треба да биде главна цел и мислам дека македонские политичари мора да одлучат да ја превземат судбината на својата земја во свои раце и не да се потпираат на посредници и интервенција од надвор, истакна Вајгл.
Словенечкиот европратеник додаде дека дека најголемата одговорност за решавање на политичката криза во земјата е кај македонските политичари, но посочи и дека ЕУ треба да го цени и оценува она што севкупно го остварила Македонија досега, што според него е во голем дел исполнување на европското законодавство.
– Времето е сега и одлуките мора да се преземат. Одговорноста е кај македонските политичари и мислам дека е последно можно време за да се убеди Европската унија дека Македонија работи, дека целите поставени со европското законодавство се постигнати, барем некои од нив и дека не е само лоша вест за Македонија нешто што ние треба да го слушаме. Ние мораме исто така да бидеме информирани за тоа што се случува во економијата и на другите полиња и се разбира исполнувањето на договорот од Пржино. Ова е секогаш една од темите за која разговараме и за која разговаравме и денеска, заврши Вајгл.