Тони Стојановски, коментаторот кој предизвика катарза во јавноста со својот говор на синоќешниот натпревар помеѓу Грузија и Северна Македонија, по кој нашата фудбалска репрезентација за прв пат во историјата се пласираше на Европското првенство, за „Фактор“ вели дека тоа што го искажал не било однапред подготвено и било кажано од срце.
Тој вели дека не верува дека ќе биде казнет за начинот на кој го коментираше телевизискиот пренос од победата против Грузија во Тбилиси, ниту пак дека имало политичка позадина во сето тоа.
-Им благодарам на сите за поддршката, се уште не можам да им одговорам на сите, реакциите се многубројни. Благодарен сум и за негативните критики кои не се испоганети. Единствено добив само една закана од лице кој, како што можев да видам, имаше партиска иконографија на својот профил – рекол Стојановски.
ТВ-коментаторот на националниот сервис вели дека во она што го искажал немало ниту партиска, ниту политичка позадина, ниту пак дека добил некакви инструкции од раководството на „Национална радиотелевизија“
-Тоа е мој личен став, тоа не може да се објасни, особено на оние кои не го препознааваат овој успех. Ова е голем чекор на изградба на нација, која не се гради во Пржино или пред Пржино. Ова не е само фудбалки пласман, туку многу повеќе од тоа. Не сум член на политика партија и нема да бидам. Мој став е дека партијата го ограничува човекот. Тоа беше само говор во кој единствено воведот беше однапред подготвен и немаше да биде искажан да не победеше репрезентацијата. Јас сум само коментатор, јас не го дадов голот – вели Стојановски.
Тврди дека од секогаш бил во добри односи со менаџерскиот тим на телевизијата, за кој вели дека не се меша во неговата работа.
-Благодарен сум на менаџерите на телевизијата, за кои знаеме дека се поставени од старото владеење на актуелната опозиција. Тоа е истиот менаџерски тим, кој постојано има разбирање за нашата редакција и ни дава слобода работите да ги искажеме на свој начин. Мене искрено ми е жал што од некои не е препозната патриотска, туку некаква партиска димензија. Тука немаше величење на „Македонизмот“ низ етничка призма, како што сакаат да прикажат – смета тој.
Самиот признава дека направил пропуст во тоа што не ја споменувал географската одредница „Северна“ во официјалното уставно име на земјата, но и дека тоа во овој период не е дефинирано во делокругот на неговото работење.
-Признавам околу употребата на уставното име, никогаш не сум споменал „Северна“, но се уште има рок на прилагодување. Како што се прилагодува соседот на Преспанскиот договор. Македонштината во моето срце е поголема од сите партии, кои може да згаснат во кое било време, но припадноста кон земјата ќе остане да постои – тврди Стојановски.