Процесот на вакцинација против Ковид-19 вирусот ќе се одвива преку системот Мој Термин, информираа денес од Министерството за здравство.
Министерот Венко Филипче денеска имаше состанок со директорите на Зравствените домови (ЗД) од цела држава, каде се дискутираше за вакцинацијата против Ковид 19. Организирањето и спроведувањето на процесот на вакцинација против Ковид 19 е од особена важност и вклучува повеќе чинители во државата, посочи Филипче.
-За вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира. Секој здравствен дом, ќе треба да достави извештај по направен увид во човечки капацитети со кои располага како и задолжителна проверка на техничките капацитети и нивната функционалност. Исто така секој ЗД ќе мора да назначи одговорно лице за координација и организација на Ковид 19 вакцинацијата, рече Филипче.
-Здравствените домови, ќе добијат и прашалник каде ќе треба детално да го наведат бројот на кадарот за вакцинација, нивната обученост бројот на вакцинални пунктови, во колку смени работат во работни денови и викенди, како и колку од персоналот учествувал во обуки за одржување на „студен синџир“, истакна професор д-р Александра Грозданова претседател на Комитетот за имунизација.
Од Министерството информираат дека во стручна видео презентација професор Грозданова пред директорите на ЗД образложи повеќе клучни сегменти за процесот на вакцинација, чување и дистрибуција на вакцината, начинот на апликација на вакцината, процесот на вакцинирање, како ќе се закажува вакцинација преку системот Мој термин. Секој ЗД ќе изготвува записник од извршено примопредавање на вакцината, а преку системот Мој термин ќе се следи процесот на вакцинација.
-Се поставува посебен модул на Ковид 19 вакцина, идентичен како оној кој сега се користи за други вакцини. За нашите колеги во вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, сепак бидејќи е нова вакцина ќе се организиара едукативен тренинг – рече проф. д-р Грозданова.
-На директорите на здравствените домови им беше посочено дека почетокот на вакцинацијата нема да значи веднаш намалување на ризикот од Ковид 19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените домови. Ризичните групи, со голем ризик за Ковид 19 ќе бидат приоритетно вакцинарани и за нив вакцинацијата е високо препорачана но не задолжителна. Вакцинацијата за Ковид 19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинара, соопштуваат од Министерството за здравство.