Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека веројатно во среда ќе почне вакцинацијата, а утре на Скопскиот аеродром околу 14 часот треба да пристигне првата пратка.
Според Филипче, од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога.
Од „Спутник V“ се очекуваат 200.000 дози или со оние од „Астра Зенека“ вкупно 2.200.000 вакцини треба да стигнат во земјава.
– Многу веројатно дека во среда ќе почне вакцинацијата, а утре треба да пристигне на Скопскиот аеродром околу 14 часот. Ги добивме од руската компанија сите потребни документи за да се подготви административната процедура во Агенцијата за лекови, што значи увозна дозвола и сега во текот на викендот и непосредно по доаѓањето и дозволата да се стави во употреба -информира министерот по денешната посета на локацијата на која се гради новата поликлиника во Сарај.
Во однос на кинеската вакцина, тој објасни дека се завршени сите потребни административни работи.
-Ги завршивме сите потребни административни работи, размената на документите и сме во комуникација. Очекуваме тајминг за нивно доаѓање – рече Филипче.