Аналитичарите од њујоршки Волстрит проценуваат дека американските фармацевстки компании „Pfizer“ и „Moderna“ ќе генерираат 32 милијарди долари приходи од вакцината против Covid-19, и тоа само во текот на следната 2021 година.
Како што објави CNNMoney, во споменатата сума не е пресметана вредноста на нематеријалната сопственост на овие две компании, односно репутацијата, којашто ќе се зголеми затоа што овие компании помогнале да се стави крај на најлошата пандемија којашто го погодила светот во последните речиси сто години.
Особено силен скок на ткн „гудвил“ (goodwill) е забележан кај „Moderna“, биотехнолошата компаниичка за којашто до оваа 2020 година слушнале само неколкумина луѓе, а којашто сега е на чекор од добивањето дозвола од американската сојузна агенција за лекови за дистрибуција на вакцината против пустошењето на коровирусот.
Само „Pfizer“, според процените на аналитичарите во инвестициската банка „Morgan Stanley“, следната 2021 година би можел да заработи 19 милијарди американски долари од вакцината против Covid-19, покрај 975-те милиони долари веќе оваа година. Но „Pfizer“ својот приход ќе го дели со „BioNTech“, германската биотехнолошка компанија со којашто ја разви вакцината. Нивната вакцина е веќе одобрена во Велика Британија, Бахреин, Саудиска Арабија и Канада, а наскоро треба да добие одобрување и во САД.
Во „Morgan Stanley“, исто така, проценуваат дека „Pfizer“ и во 2022 и во 2023 година би можел да оствари уште 9,3 милијарди долари приходи од продажбата на оваа вакцина, сѐ додека севкупната светска популација не биде извакцинирана.
И додека цената на акциите на „Pfizer“, моќна американска фармацевтска компанија, годинава и не пораснала значително, односно само 12 отсто, акциите на партнерската „BioNTech“ еруптираа за речиси 300 отсто, подигнувајќи ја пазарната капитализација на компанијата на речиси 30 милијарди долари.
Од друга страна, пак, вакцината којашто ја развила „Moderna“, веќе ја трансформирала оваа речиси непозната компанија во моќна фармацевтска куќа којашто сега чини 62 милијарди долари. Цената на нејзините акции, имено, е катапултирана годинава за дури 700 отсто, а во „Morgan Stanley“’ проценуваат дека половината од пазарната вредност на оваа компанија е поврзана со вакцината против коронавирусот.
Аналитичарите на „Goldman Sachs“, пак, проценуваат дека следната година „Moderna“ ќе оствари 13,2 милијарди долари приходи од продажбата на оваа вакцина. Тоа се застрашувачки бројки за една компанија којашто во 2019 година имала само 60 милиони долари приходи и никогаш претходно не лиценцирала ниеден свој производ.
„Ова е епска приказна. Историско достигнување во развој на лек. Да се создаде нова технологија во толку млада компанија и таа да се има речиси токму во моментот на најголемата пандемија во последните сто години, е тешко и да се замисли“, оценува Ален Кар, аналитичар за биотехнологија во „Needham Bank“.
Заработка во милијарди долари со субвенции од даночните обврзници
Високо проценетите приходи на „Pfizer“ и „Moderna“, меѓутоа, предизвикуваат критики од оние кои ги гледаат најдиректно човечките страдања предизвикани од Covid-19. Пандемијата досега во светот усмртни речиси 1,6 милиони луѓе, а само во САД околу 300.000 лица.
Нивните конкуренти „Janssen Pharmaceutica NV“, која е дел од групацијата компании „Janssen Pharmaceutical Companies of Johnson & Johnson“, како и британско-шведската компанија „AstraZeneca“, од друга страна, пак, ветија дека нивните вакцини кога ќе добијат одобрувања за употреба, во текот на пандемијата ќе бидат продавани по непрофитна основа.
Вакцината на „AstraZeneca“ е најевтина засега и чини околу 4 американски долари по доза (инаку сите главни кандидат се даваат во две дози), вакцината на руски „Гамалеј“ ќе чини под 10 долари по доза, на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ ќе чини 20 долари по доза, а на „Moderna“ пак е најскапа и ќе чини 33 долари.
„Потполно погрешно за фармацевтските компании како ‘Pfizer’ и ‘Мoderna’ е да профитираат, а нивните извршни директори да остваруваат невидено лично богатство од вакцината против Covid-19, чиешто пронаоѓање во голем дел беше субвенционирано и поткрепувано од страна на американските даночни обврзници“, смета Ели Зупник, портпарол на Accountable.US, институција за контрола и советување на пациентите.
Иако „Pfizer“ не прими пари од иницијативата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, сојузната влада се согласи да плати 1,95 милијарди долари за првите 100 милиони дози.
Во прво време „Moderna“ срествата за развој на вакцината ги побара на пазарот на капитал, собирајќи 1,3 милијарди долари преку продажба на акции, но дел од парите, и тоа 955 милиони долари, ги доби од американската влада.
Покрај тоа, компанијата токму во петокот објави дека владата на САД се согласила од „Moderna“ да купи 100 милиони дози од вакцината која сѐ уште се развива за перидот до јуни 2021 година. Во соопштението се наведува и дека вкупниот број дози од препаратот кој „Moderna“ е обврзана да ги испорача се зголемил на 200 милиони, и притоа цената на новата испорака не е одредена. Но министерството за здравство наведе дека „Moderna“ ќе добие вкупно 4,1 милијарди долари од американската влада за развој и испорака на вакцината, и притоа дека може да бидат нарачани уште 300 милиони дози од нејзината вакцина.