Директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов во телефонски разговор за Канал 5 вели дека таквиот став се должи на тоа што во земјава има скептични граѓани не само за ваквата вакцина, туку и против полесните видови на грип или други болести.
Претходно за Канал 5 и микробиологот Никола Пановски рече дека во земјава преовладуваат антивакциналните теории, па затоа доброволното вакцинирање е подобрата опција.
Вакцината што се очекува да пристигне во Македонија е од Британија, станува збор за Оксфордска вакцина. Според најавите први ќе ја примат ризичните групи – хронично болните и повозрасните лица.
Оксфордската вакцина е во третата фаза од клиничкото испитување. Некои од тие што досега ја примиле добиле температура и главоболка, но медицинското списание Лансет уверува дека нема несакани последици од неа. На глобално ниво, освен САД и Русија, во трката за ефикасна вакцина до крајот на годината се вклучија и Кина и Индија.