Вакцинирањето со „Pfizer“ по „AstraZeneca“ е сигурно и ефикасно

Шпанско истражување за комбинирање на вакцините против Covid-19 утврдило дека вакцинирањето со препаратот на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ на лицата кои првата доза ја добиле од вакцината што ја развија англо-шведската компанија „AstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд е многу безбедно и ефикасно, покажуваат прелиминарните податоци објавени во вторникот.

Истражувањето под насловот „Combivacs“, коешто го спровел шпанскиот Институт за здравје „Карлос Трети“, утврдило дека количеството на IgG антитела во крвотокот од 30 до 40 пати е поголемо кај лицата кои како втора доза ја добиле вакцината на „Pfizer“ отколку во контролната група во која биле луѓе кои ја добиле само првата доза од „AstraZeneca“.

Истовремено, количеството неутрализирачки антитела пораснала седум пати по дозата од вакцината на „Pfizer“, значително повеќе отколку по втората доза со вакцината на „AstraZeneca“ кога тие се удвоиле.

Речиси 670 волонтери на возраст меѓу 18 и 59 години кои веќе ја примиле првата доза од вакцината на „AstraZeneca“ учествувале во истражувањето, а околу 450 добиле вакцина од „Pfizer“.

Само 1,7 отсто од испитаниците пријавиле сериозни нуспојави, а станувало збор за главоболки или болки во мускулите, и вакцинираните воопшто лошо се чувствувале, вели лекарката Магдалена Кампинс, една од водителките на истражувањето.

Меѓутоа, Кампинс вели дека тоа „не се симптоми коишто може да се сметаат како сериозни“.

Во британското истражување за комбинирање на вакцините, првите неодамнешни резултати покажаа дека лицата вакцинирани со вакцината на „Pfizer“ па со онаа на „AstraZeneca“ или обратно, имале поголема веројатност да развијат благи до умерени симптоми, како што се главоболка или треска, отколку кога примиле две дози од еден вид на вакцината. Податоците за имунолошкиот одговор се очекуваат следните месеци.

Шпанија ја ограничи употребата на вакцината на „AstraZeneca“ на повозрасните од 60 години, поради загриженоста од можна појава на крвните згрутчувања кај помладите лица по вакцинирањето.

„Денешните резултати ја одразуваат можноста за вакцинирање на пациентите кои ја примиле првата доза на ‘AstraZeneca’, но одлуката не ја носат научниците кои учествуваа во оваа истражување“, вели Жезус Антонио Фриас, клинички директор на „Карлос Трети“.