Вакцините од Кина ќе доцнат – потпишан договор за набавка на руска вакцина

Паднаа во вода сите надежи дека кинеските вакцини ќе стигнат до крајот на овој месец. Министерот Филипче со нови изговори – испораката вели најверојатно ќе се пролонгира.

„Можно е да се пролонгира за период од неколку денови. Не очекувам да биде некое големо одложување“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Македонија сега спас ќе бара кај Русија. Недлежните веќе го потпишале договорот со рускиот производител Синофарм. Ковакс системот очигледно потфрли, а вакцините на фајзер останаа заробени во бирократските процедури.

„Во делот на кинеската и фајзеровата вакцина се финализираат последните прашања. Дозволете ова да го кажам со резерва, затоа што многу пати така сметавме до сега па излегуваше дека имаат и некои дополнителни прашања. Интензивно почнавме уште во текот на вчерашниот ден да преговараме и со претставниците на руската вакцина, амбасадорот се понуди со некои лични контакти да проба да тој целокупен процес се забрза“, вели Филипче.

Надлежните засега не размислуваат за воведување на нови рестриктивни мерки, како што тоа го направија сите западно европски земји, вклучително и Србија. Британскиот сој доминира во земјава, вели министерот, но состојбата со зголемениот број на ново заразени ќе се анализирала во текот на викендот.

„Чекаме да заврши анализата по региони и да видиме дали ќе има некои мерки кои што ќе се однесуваат на посебни градови и региони или нешто што ќе важи за територијата на целата држава“, додаде тој.

На денешен ден пред една година, во Македонија беше регистриран првиот случај на Ковид 19 – 50-годишната пациентка која со комбе се врати од Италија каде се заразила со корона вирусот.