Велика Британија би требало значително да ги зголеми трошоците за одбраната, во спротивно британскиот министер за одбрана Бен Валас ќе го загуби шансите да стане следниот генерален секретар на НАТО, пишува весникот The Telegraph, повикувајќи се на извори во Северноатлантскиот воен сојуз.
„Сите забележаа дека Валас зборува за трошоците за одбраната… Доколку не постигне значително зголемување (на трошоците), тогаш најверојатно следниот генерален секретар (на НАТО) ќе биде од друга земја. Другите држави сериозно ги зголемуваат трошоците за одбраната“, рекол неименуван соговорник на весникот.
Според истиот извор, Франција претпочитала следниот челник на Алијансата да биде кандидат од некоја од земјите членки на Европската унија.
Како што се нагласува во текстот во The Telegraph, постои загриженост и за состојбата на британската армија по долгогодишното недоволно инвестирање во нејзините капацитети.
Во понеделникот весникот The Daily Mail извести дека британскиот премиер Риши Сунак наскоро ќе објави зголемување од 5 милијарди фунти за трошоците за одбраната на Обединетото Кралство во текот на неговата претстојна посета на САД, но дека износот нема да ја надмине сумата од 8 до 11 милијарди фунти, колку што бара Валас, наведувајќи ја како причина растечката инфлација.
Претходно Politico пишуваше дека во разговорите за можните кандидати за следен челник на НАТО, најчесто се споменуваат имињата на холандскиот премиер Марк Руте, естонскиот премиер Каи Калас и британскиот министер за одбрана Бен Валас. Во тие разговори поретко но сепак биле споменувани и литванската премиер Ингрида Симоните, словачката претседателка Зузана Чапутова и челничката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Претходно во водечките европски весници како сериозен кандидат за споменатата должност беше споменуван и актуелниот шпански левичарски премиер Педро Санчез.
Мандатот на актуелниот челник на Алијансата, Норвежанецот Јенс Столтенберг кој требаше да се повлече од позицијата на 1-ви октомври 2022 година, веќе трипати беше продолжуван поради војната во Украина до 30-ти септември 2023 година.
Во февруари беше објавено дека Столтенберг ќе го заврши својот мандат според планираното. Како што тогаш објави германскиот весник Welt am Sonntag, земјите членки сакаат Норвежанецот да претседава со организацијата по повод 75-годишнината којашто ќе биде одбележана во април 2024 година во Вашингтон. Беше наведено и дека Столтенберг ќе биде во позиција да конкурира за претседател на Светската банка кога, некако во исто време од таа позиција ќе отстапи Дејвид Малпас.