Валентин Груевски бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ за искажани невистини

-Анкетниот лист е навремено доставен, а јас барам извинување за кажаните невистини, објави на Фејсбук либерал-демократот Валентин Груевски, директор на „Национални шуми”, кој покажа како доказ и фотографии за препорачани пратки до ДКСК.

„Вчера на прес-конференцијата еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, објави податок дека не сум го доставил мојот имотен лист и дека можеби ја кријам мојата куќа во Битола и Ресен. Да не беше смешно, ќе беше жално, или пак обратно“, напиша тој на Фејсбук.

Груевски додава дека куќата во Битола е изградена во 1985 година и е наследство од неговиот татко, а во неа живее со сопругата над 20 години.

„Куќата во Ресен, с. Курбиново, е со големина од цели 22 м2 и таа е 1/4 од стара куќа, градена пред 50-тина години. Наводно сум го скрил и ‘голфот’, пријателите мои го знаат, произведен е 2009 година“, пишува Груевски.