
Повик до СДСМ да ја преразгледа својата одлука за бојкот на предвремените парламентарни избори на 5 јуни, упати денеска Роберт Валтер, поранешен известувач за постмониторинг дијалогот на Македонија и потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 2010 до 2015 година.
– Ги повикувам сите политички партии, а особено СДСМ, да учествуваат на изборите на 5. јуни. Верувам дека бојкотот на изборите од страна на СДСМ и другите опозициски партии ќе биде неодговорен чекор кој ќе го загрози напредокот на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО и ќе ја поткопа довербата на инвеститорите во земјата, вели Ваљлтер во пишана изјава, пренесува МИА.
Според него, опозициските партии претставуваат значаен дел од македонската популација која заслужува да биде застапена во Парламентот.
– Уставно право е на секој граѓанин да ги избира своите претставници. Должност е на оние кои би ги избрале да ги претставуваат нивните интереси во Парламентот, нагласува Валтер кој ја предводеше делегацијата на Велика Британија во ПССЕ во периодот од 2010-2015 година.
Валтер го поздравува договорот од Пржино како начин со кој ќе се обезбеди сите политички сили да учествуваат на парламентарните избори, а оние коишто ќе бидат избрани од граѓаните да ги заземат нивните места во Парламентот.
– Одложувањето на датумот на изборите првично закажани за 24. април беше несреќно решение, но верувам дека сега постои вистинска можност да се спроведат слободни и фер избори во согласност со договорот од Пржино, посочува англискиот дипломат.
Тој се осврнува и на работата на Државната изборна комисија.
– На ДИК треба да и се даде сета поддршка за да ги заврши своите задачи во утврдувањето на прифатлив Избирачки список. Но, мора да се нагласи дека дури и во најстарите парламентарни демократии не постои избирачки список кој е совршен. Гласачите умираат, се селат или заминуваат од земјата. Во многу земји гласачите кои живеат во странство или служат во армиските сили се регистрирани на нивните поранешни избирачки мета. Во некои земји гласачите кои имаат повеќе од едно живеалиште имаат обврска да се регистрираат на секоја од адресите. Помали непрецизности не треба да бидат основа за прогласување на резултатите од изборите за нерегуларни, оценува Валтер.
Спроведувањето на договорот од Пржино треба да овозможи одвојување на државните институции од која било партија и да создаде услови во кои нема да има несоодветно влијание ниту врз медиумите ниту врз гласачите поединечно, додава во пишаната изјава Валтер.
Инаку, Валтер како известувач за Македонија во ПССЕ посочува дека бил добро запознаен со политичката ситуација во Македонија, а по завршувањето на неговата функција на известувач во 2015 година продолжил да ги следи состојбите во земјата. По парламентарните избори во 2014 година, тој неколку пати го посетил Скопје заедно со претставници од групата на социјалистите во ПССЕ и побарале од опозициската СДСМ да се врати во Парламентот и да учествува во политичкиот живот согласно уставната рамка.