Холандија и Франција го одиграа првиот меч без голови на Европското првенство, меч по кој двете екипи имаат по четири бода во групата Д и во завршната рунда ќе водат жестока битка за првата позиција која би требало да донесе „полесен“ противник во осминафиналето.
„Лалињата“ помалку ја имаат топката во своите нозе, создадоа помалку шанси, исто упатија помал број на удари во однос на противникто, но токму тие беа составот кој даде гол во 69 минута преку Симонс, гол кој по долго проверување со помош на ВАР беше поништен или поточно остана одлуката да не биде признаен поради офсајд, влијание на дефанзивецот Дамфрис.
-Можам да живеам со бодот, но голот не требаше да биде поништен. Еден бод е добар бонус, мора да бидеме реални. Игравме против Франција, па мислам дека не беше чудно што имавме потешкотии во некои фази од натпреварот, -истакна капитенот Вирџил Ван Дајк.
-Мислам дека покажавме борбеност, тоа е многу позитивно, а сега сме на четири бода и не чека меч со Австрија. На крајот се обидовме да останеме компактни во дефанзивната линија и да се обидеме да ја повредиме Франција на контри. Речиси успеавме неколку пати, но не одигравме како што треба. Се уште сме непоразени и се уште се е во наши раце. Добро се браневме, Вербруген добро бранеше, оттаму се почнува, -додаде членот на Ливерпул.