Ван Дијк доаѓа во Ливерпул како најскап бек во историјата

Бекот на холандската фудбалска репрезентација, 26-годишниот Вирџил ван Дијк, ги напушти редовите на Саутемптон и за 84 милиони евра се пресели во Ливерпул, станувајќи најскапиот бек во историјата.

Досега најскап одбранбен играч, исто така, на позицијата бек, беше Кајл Вокер кој минатото лето од Тотенхем мина во Манчестер Сити за 60 милиони евра.

Во трка по ван Дијк беа и Манчестер Сити и Челзи, но Ливерпул беше најконкретен. Англиските медиуми наведуваат дека Пеп Гвардиола и Атнонио Конте не биле подготвени да платат повеќе од 60 милиони евра, додека Јирген Клоп не прашувал за цената.

Трансферот го потврдија и двата клуба и Холанѓанецот се сели на „Енфилд“ на 1-ви јануари кога официјално започнува зимскиот преоден рок. Ван Дијк во новиот клуб ќе го носи дресот со бројката 4, а се нагаѓа дека ќе заработува 202.000 евра седмично. Наскоро ќе биде познато дали доаѓањето на Холанѓанецот ќе го истисне од позицијата Хрватот Дејан Ловрен кој во Ливерпул дојде во 2014 година од Саутемптон.

Младиот ван Дијк за Саутемптон настапуваше од 2015 година кога на „Сент Мери“ пристигна Селтик за 15 милиони долари. Беше член и на Гронинген, додека во дресот на холандската репрезентација досега одиграл 16 натпревари.

Холанѓанецот сега со Ромел Лукаку, кого Манчестер Јунајтед, исто така, го плати 84 милиони евра, го дели второто место на листата најскапи трансфери во историјата на елитната лига на англискиот фудбал. Пред нив е единствено Пол Погба за кој Јунајтед му плати на Јувентус 100 милиони евра.