Ван Хол отпушта 1850 вработени во Белгија, а има планови за Македонија

Белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“, кој има свој погон и во ТИРЗ „Бунарџик“ крај Скопје, ќе го сведе бројот на вработени во погонот во Белгија на меѓу 650 и 950 лица, објави интернет изданието на весникот „Соар“ повикувајќи се на извори во синдикатот.

Според истите извори, најавата за отпуштање на меѓу 1.550 и 1.850 вработени од вкупниот број од околу 2.500 работници била соопштена утрово на средба меѓу претставници на синдикатот и на раководството, кои информирале дека загубите на компанијата „се многу поголеми отколку што се стравуваше“.

Синдикатите, кои наведоа дека на средбата не присуствувал претседателот на Управниот одбор на компанијата, Филип ван Хол, туку негови застапници, соопштија дека фирмата остварува „разочарувачки резултати“ во работењето.

Околу можноста за продавање на компанијата, синдикалните претставници истакнаа дека во таков случај првенствено би сакале да се води сметка за зачувување на работните места.

Не би сакале сценарио каде што купувачот е заинтересиран само за преземање на технологијата, брендот и клиентите, посочија од синдикатот.

„Ван Хол“ е семејна компанија за производство на автобуси, тролејбуси и приколки основана во 1947 година. Фирмата има околу 4.100 работници во своите фабрики низ светот, од кои најголемиот дел се во погоните во белгиското место Конингсхојт и во Скопје.

Сопственикот на „Актива“ во Штип која е партнер со белгиската компанија „Ван Хол“ денеска изјави дека веќе две години се заговарало за постепено префрлање на целосното производството на компанија „Ван Хол“ од Белгија во земјава.

-Ние за таа работа веќе се подготвивме. „Актива“ минатата година имаше дополнителни инвестиции во делот на машинскиот парк и веќе е зголемен товарот на производство и немаме од наша страна каснење за нивните потреби, потребите за зголемување на производството ќе бидат следени и како ќе бидат доставувани барањата од нивна страна ние ќе го следиме тоа. Веќе сме во фаза на изградба на уште еден производен погон од 8.000 квадрати кој ќе биде исто така во функција на зголемување на капацитетите на нашите компании. Така да, ние во целост сме спремни за таа работа – посочи сопственикот на „Актива“ Иле Николов.