
Неодамнешната посета на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван, беше „манијакален, неодговорен и високо ирационален“ потег, оцени во четвртокот кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од организацијата ASEAN во Пном Пен во Камбоџа, Ванг Ји порача дека Кина вложила најголеми дипломатски напори да ја спречи кризата, но и дека никогаш нема да дозволи да бидат повредени нејзините темелни интереси.
„Кинеските сегашни и идни мерки се неопходни и правовремени одбранбени противмерки, внимателно разгледани и проценети, насочени на зачувување на националниот суверенитет и безбедност, во согласност со меѓународните и домашните закони“, го цитира Ванг кинеската државна телевизија CCTV.
Според шефот на кинеската дипломатија, провокациите од страна на САД по прашањето на Тајван „не се случајни“, и оценува дека тоа е „добро испланирана фарса“.
„Провокативните активности на САД во врска со Тајван не се случајни, тоа е внимателно испланирана фарса, го прикажаа своето вистинско грдо лице на нарушување на договорите пред целата меѓународна заедница“, изјавил Ванг пред колегите од регионот.
Поттик на новата рунда ескалација на тензиите во Тајванскиот теснец беше посетата на островот на Пелоси.
„Плановите на САД да го користат Тајван за зауздување на Кина никогаш нема да доживеат успех и нема да го променат историскиот тренд на неизбежното враќање на Тајван во неговата татковина“, порачал Ванг Ји, според објавата на веб-страницата на кинеското министерство за надворешни работи.
Според Ванг, американските провокации „само ќе ги инспирираат“ 1,4 милијарди Кинези да се сплотат и да го „забрзаат градењето на модерната социјалистичка држава со кинеска специфичност“.
Во четвртокот утрото бродовите на кинеската воена морнарица и борбени авиони накусо ја минале неформалната линија на раздвојување меѓу Кина и Тајван, односно средишната линија на Тајванскиот теснец, изјавиле за Reuters неименуван тајвански воен извор.
Десетина бродови на кинеската морнарица ја минале линијата и останале во таа област од средата вечерта до пладнето во четвртокот, а повеќе кинески борбени авиони навлегло во зоната на воздушниот простор на островот во четвртокот вечерта, појаснил изворот кој сакал да остане анонимен поради „чувствителноста на прашањето“.
Тајван во меѓувреме објави дека ги распоредил ракетните системи за следење на кинеската воена авијација во близина на средишната линија, а бродовите на тајванската морнарица пловеле близу замислената поморска граница за да ги следат активностите на кинеската морнарица, додал соговорникот на Reuters.