Вангелов, Кузмановски, Бегова и Несими добитници на престижната награда „11 Октомври“

По повод празникот 11 Октомври – Ден на народното востание, денеска во Кристалната сала на Собранието , беше доделена државната награда „11 Октомври“.

Одборот за доделување на државната награда, за животно дело во областа на науката и образованието наградата ја додели на филологот проф. д-р Атанас Вангелов. Во областа на културата и уметноста наградата беше доделена на академскиот сликар Павле Кузмановски, актерката Бедиа Бегова и политикологот Махи Несими.

На конкурсот се пријавија околу 30-тина творци од сите области на живеењето, посочи Атанас Костовски, член на одборот.

– Треба сите да си ја вршиме работата како што треба, навреме. Само така ќе се заблагодариме и ќе и се оддолжиме на нераспролетената македонска младост која на овој ден пред 80 години силно извика да се чуе и во Берлин, Рим и во Софија „Смрт на фашизмот, слобода на народот – изјави Костовски.

Тој додаде дека со таа изјава е вграден животот во темелите на денешната современа и независна држава.

Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ е составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата. Оваа година конкурсот за пријавување траеше од 6 до 31 август.

Наградата се доделува за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес. Државната награда првпат е доделена во 1959 година.