Законот за употреба на јазиците се поставува себе над Уставот, т.е. е противуставен – ако се усвои она што го видов од член 1 став 3. (Којзнае што има понатаму во текстот!), пишува во својот фејсбук статус универзитетската професорка Билјана Ванковска.
Ванковска натаму вели и дека албанскиот јазик „експлицитно се издвојува, а со цел да стане еднаков на македонскиот – НА ЦЕЛАТА ТЕРИТОРИЈА НА ДРЖАВАТА! Нема тука никакво подобрување на статусот на другите јазици, да не се лажеме – тоа може да го каже само премиер кој сака разумните граѓани да размислуваат со негова оптимистичко-позитивна глава (ако воопшто има нешто во таа глава). Слушнавме дека законот ќе оди со „европско знаменце“, што значи набрзина иако оваа материја не е дел на правото на ЕУ. Препораките на Венецијанската комисија се само препораки (незадолжителни), а најчесто се даваат со езопов јазик (округло на ќоше), особено кога материјата е специфична за земјата во која се регулира, па се остава слобода тамошниот законодавец да изнајде решенија соодветни за тоа општество.
Така, ако досега се боревме (sic!) и капитулиравме пред духот (од Аладиновата лампа) на Рамковниот договор, сега ќе треба да се бориме со духот и душата на законот, кој излегува и надвор од Рамковниот договор, и што е најтрагично е спротивен на уставот. Можеме да се обложиме дека меѓународната заедница, особено Вашингтон, ќе побрза да го поздрави законот. Ете го периодот во кој Тиранско-Софиската Платформа се оживотворуваат, додека ние се мислиме како да останеме либерали, ненационалисти, прогресивци, мултикулти, итн. Тоа е поентата на ставот на Најчевска која го предводи овој фронт, а која сака секоја критика да ја сведе на примитивен (македонски) национализам. Сигурно нема да остане осамена – сега поддршка, ред се редат мале, ќе даваат од МАНУ до Бигорскиот манастир и НВО секторот“, завршува со својот фб статус Ванковска.