Европскиот и македонски ракометен првак Вардар остана без двајца важни ракометари во бековската линија, а според првичните информации, се наѕира ново засилување за Алушовски во таборот на „црвено-црните“.
Силен интерес од Вардар има за бразилскиот среден бек кој знае да игра и како лев бек, Леонардо Дутра Фереира. Се работи за 23-годишен играч кој ги брани боите на Либербанк Куенка. Шпанскиот тим му е прв сериозен европски предизвик, а негов ангажман и тоа како добро би му дошол на Вардар со оглед на недостатокот на шутери.
Ракометарот кој е висок 184 сантиметри и тежи 96 килограми има настапи за репрезентацијата на Бразил, а се очекува да го покрие отсуството на рускиот репрезентативец Павел Атман, кој замина во редовите на Спартак Москва.
Вардар веќе е сигурен во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, но чека на расплет во групите за да го има противникот. Можни се неколку варијанти, а во игра се екипи како Алборг, ПСЖ, ПИК Сегед…
Алушовски на прес-конференцијата по мечот со Мотор Запорожје најави дека сака најмалку две нови засилувања, а се очекува Бразилецот да биде потврден како едно од нив.