Ракометарите на Вардар се нови европски шампиони. Нашите ракометари во финалето во инфаркт завршница го совладаа ПСЖ со 24:23.
Победничкиот гол го постигна Иван Чупиќ на само две секунди до крајот на мечот.
Вардар подобро го започна финалето. Цврстата одбрана и одличниот Штербик можеби не беа изненадување за ПСЖ, но делуваа беспрекорно. Во нападот, Чупиќ двапати погоди од седмерец, Душебаев го пронајде патот до мрежата на Омејер, а потоа и Дибиров, за водство од 2-5 за „црвено-црните“ по 12 минути игра.
Водени од Абало и Карабатиќ, ракометарите на ПСЖ пак се вратија блиску до Вардар и намалија на 6-7 во 22. минута. Никола Карабатиќ отиде грубо врз Борозан и заработи прво свое исклучување,а Марсениќ со ефектен гол врати на +2 во 25. минута.
По долго ловење на резултатот, Хансен од седмерец погоди за 10-10 во 28. минута. На половина минута до одморот, Степанчиќ од контра напад го донесе првото водство на Французите (12-11), резултат со кој се замина на одмор.
Дибиров му продаде „вртенка“ на Омејер на стартот на вториот дел за израмнување (12-12). Нарсис донесе водство, но потоа и Штербик покажа врвна класа, па Циндриќ израмни на 13-13. Серијата продолжи со Душебаев и Циндриќ за ново водство на Вардар од два гола (13-15).
Во 37.минута, Нока Сердарушиќ се реши за ново изненадување, игра во нападот „7 на 6“. Никола Карабатиќ намали на 15-16.
Шишкарев одлично одзема топка во одбраната и извлече противнапад за водство од 16-18 по 40 минути игра.
ПСЖ продолжи да игра „7 на 6“, и тоа им се одмазди. Загубија две топки, а Абутовиќ и Шишкарев зголемија на 17-20.
Играта стана се погруба, следеа исклучувања, а Нарсис погоди за 19-20. По ова Дибиров „летачки“ спаси во одбраната, а Канелјас го награди со погодок. Но, Абало изведе магија (20-21). Се појави и Генсхајмер и израмни на 21-21, на осум минути до крајот.
Дибиров направи уште една феноменална кражба и погоди за ново водство на Вардар (21-22). Потоа и Борозан упати проектил за два гола предност. Ремили намали. Но, Циндриќ го исфинтира Лука Карабатиќ, кој заработи исклучување. Дибиров не реализира, и ПСЖ појде во последен напад, а Сердарушиќ зема тајмаут. Нарсис даде гол.
Но, Раул Гонзалес побара тајмаут, а Иван Чупиќ остана сам доби благовремена асистенција од Дујшебаев и еден на еден од неговата позиција успеа да го совлада Тјери Омејер во последната секунда и да го освои пехарот за ВАРДАР.
Here are the most memorable and incredible 10 seconds of handball this year, enjoy!@HCVardar #ehffinal4 #PSGVAR pic.twitter.com/gJRPUgR10Q
— #ehffinal4 (@ehfcl) June 4, 2017