Ракометарите на Вардар се закитија со трофејот во Купот на Македонија. Вардарци во финалето на завршниот турнир во салата Билјанини извори во Охрид беа подобри од Металург со 30:28 (14:11).
Металург во овој натпревар влезе како бранител на трофејот , но не успеа да стигне до двојната круна, откако претходно во одлучувачкиот дуел за шампионската титула во првенството го совлада Вардар. Металурзите како и на претходните натпревари така и во ова финале се бореа до последната минута, а “црвено – црните” до трофејот стигнаа во последните три минути.
Алекс Душебаев е прогласен за најкорисен играч ( МВП) во финалето во кое постигна шест голови, но пет во првото полувреме. Брумен го понесе признанието за најдобар стрелец со 14 голови на фајнл форот во Охрид , додека Петар Ангелов е прогласен за најдобар голман.